ГАТУЗО ВО ХАЈДУК СОБИРА ВЕТЕРАНИ – РАКИТИЌ ПРЕД ПОТПИС, ДРУГАТА ЖЕЛБА Е БОСАНСКИОТ ГОЛГЕТЕР
Објавено на: 09.07.2024
Хајдук Сплит има сериозни намери да го прекине постот без шампионска титула во Хрватска кој трае цели 19 години.
Ангажманот на Џенаро Гатузо на тренерската позиција беше првиот потег кон остварување на таа цел, а потоа и новиот потпис на Иван Перишиќ, по што управата тагетираше уште двајца балкански ветерани со кои тимот од Сплит дефинитивно би бил конкурент за титулата.
Според повеќе хрватски медиуми, Иван Ракитиќ е пред потпис со Хајдук, кој во изминативе шест месеци играше во Саудиска Арабија за тимот на Ал-Шабаб. Ова е шанса за Ракитиќ да заигра во земјата која ја претставуваше цели 12 години и одигра над 100 натпревари во хрватскиот дрес. Хрватот родум од Швајцарија со себе ќе донесе огромно искуство од периодот кога ги бранеше боите на Базел, Шалке, Севилја и Барселона, освојувајќи бројни трофеи.
Втората желба на управата на Хајдук е Един Џеко, кој наводно е подготвен да се раздели со Фенербахче. Би било вистински „бум“ доколку сплиќани си ги остварат соништата во овој преоден рок, кои речиси сигурно ќе претставуваат закана за доминацијата на Динамо Загреб во хрватското првенство.