ДЕШАМП СО РИЗИЧНА ТАКТИЧКА ОДЛУКА ПРОТИВ ФУРИЈАТА
Објавено на: 08.07.2024
Во пресрет на првото полуфинале од Европското првенство меѓу Шпанија и Франција, селекторот Дидие Дешамп наводно се одлучил за тактичка промена која може да се покаже ризична доколку Триколорите не изборат пласман во големото финале.
Според „Л`екип“, Дешамп ќе го остави на клупа Антоан Гризман и ќе го искористи како џокер доколку има потреба, а на негово место ќе игра еден од брзоногите крила Дембеле, Коман или Баркола. Многу веројатно тоа ќе биде Усман Дембеле со оглед на тоа дека беше прогласен за играч на натпреварот во четвртфиналето против Португалија.
Оваа одлука веројатно се должи на тоа што шпанските репрезентативци многу добро ја познаваат играта на Гризман од Ла Лига, но исто треба да се земе во предвид дека и Гризман доста добро ги познава фудбалерите на противничката репрезентација.
Искуството на Гризман сигурно ќе недостасува од првата минута, бидејќи ѕвездата на Атлетико е четври најдобар стрелец во историјата на Франција со 44 гола, но и четврти играч на листата со најмногу настапи, односно има 134 настапи за Триколорите.