РОНАЛДО ВТОР ДЕЛ: МБАПЕ ЌЕ БИДЕ ПРЕТСТАВЕН НА „БЕРНАБЕУ“ ПРЕД 80.000 ПУБЛИКА
Објавено на: 04.06.2024
Најпроследената, но и најочекуваната трансфер сага конечно заврши, Килијан Мбапе го исполни сонот да го облече кралскиот дрес на Реал Мадрид. Францускиот голгетер е новиот Галактико на Флорентино Перес, во Мадрид пристигна без обештетување, но доби пребогат договор кој му важи до јуни 2029 година.
Следната задача на Кралевите е да организираат пречек и промоција на Мбапе на „Сантијаго Бербанеу“, а најавите се дека се очекува настанот да се одвива како што беше промоцијата на Кристијано Роналдо во 2009 година.
Најмалку 80.000 публика се предвидува во фудбалскиот храм на Реал, за да го видат Мбапе во белиот дрес. Единствена пречка претставува датумот, со оглед на густиот распоред.
Мбапе технички уште е играч на ПСЖ, договорот со Реал му почнува од 1 јули, што значи дека не може да биде презентиан порано од тој датум. Воедно, за неколку дена почнува Европското првенство, па обврските со Франција не му дозволуваат да се појави во Мадрид.
Во средината на јули на „Бернабеу“ се закажани неколку музички концерти, што прават дополнителна пречка за организацијата на Кралевите, но според шпанските медиуми, датумите 15 и 16 јули одговараат најмногу.
Како и да е, Мбапе ќе добие кралски пречек, во стилот на неговиот идол.