СЕ ДАВАТ ВО ДОЛГОВИ: БАРСА МОРА ДА ВРАТИ 1.3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ДО 2032 ГОДИНА
Објавено на: 22.05.2024
Речиси четири години откако Жоан Лапорта по вторпат беше избран за претседател на Барселона, првиот човек на клубот не успеа да оствари едно големо ветување, а тоа е да го израмни долгот од 1.3 милијарди евра.
Финансиските проблеми ги наследи од претходната управна гарнитура предводена од Бартомеу, но Лапорта и покрај даденото време и убедливите изјави, не успеа да подмири ниту цент од огромниот долг. Сумата од 1.3 милијарди евра која треба да се враќа на рати, се споменуваше и во 2021 година, а тогаш Лапорта презентираше навидум оптимистични стратегии кои постепено ќе генерираат средства предивдени за исплаќање на долгот.
Но, и по крајот на сезоната 2023/24, пресметките се исти, 1.3 милијарди евра уште стојат неподмирени, а ниту крајот им се гледа. Според информациите кои ги пренесоа повеќе шпански медиуми, овој долг треба да се исплати до крајот на 2032 година, додека 613 милиони евра треба да бидат вратени пред крајот на 2028 година.
Дали е можно да се стигне рокот, е малку веројатно, бидејќи управата на Барселона вложи во реновирање на „Камп ноу“, а напоредно трошат огромни средства за високи плати на играчи иако повеќето ги ангажираат без отшета (пр. Левандовски и Гундоган) и планираат нови трансфери, при тоа не знаејќи дали воопшто ќе имаат пари за нив.
Тешки времиња се пред еден од најголемите шпански клубови во светот.