ЏАКА Е УШТЕ ЕДЕН ОД НИЗАТА ИГРАЧИ КОЈ СТАНА ШАМПИОН ОТКАКО ГО НАПУШТИ АРСЕНАЛ (ВИДЕО)
Објавено на: 15.04.2024
Оливие Жиру, Ешли Кол, Цеск Фабрегас, од постарите генерации Тиери Анри, Александер Хлеб, се само дел од десетиците фудбалери кои го напуштија или напуштиле Арсенал и освоиле титула веќе со следниот клуб за кој играат или играле.
Последниот таков случај е Гранит Џака. Швајцарскиот репрезентативец по седум сезони во Арсенал, пред почетокот на оваа сезона потпиша за Баер Леверкузен и веќе во првиот обид стигна до титулата во Бундеслигата. Фармацевтите од вчера и официјално се шампиони на Германија, ставајќи крај на 11-годишната доминација на Баерн Минхен.
Колку е големо острварувањето, покажува учинокот на тимот на Чаби Алонсо со 25 победи и 4 ремија во 29 натпревари, без пораз на 5 кола до крајот на првенството. Во Леверкузен се слави од вчера по петардата од 5-0 над Вердер, а во соблекувалната на домаќините беше вистинска фешта.
Расположениот Фримпонг лудуваше низ просторијата и се снимаше во живо на Инстаграм, кога во еден момент тргна накај Џака да го потсети една многу важна работа.
„Гранит, дојди. Дојди и кажи им на моите следбеници дека си шампион на Германија. Кажи им дека го напушти Арсенал и ја освои титулата“, гласно му се обрати Џереми Фримпонг.
I love how Jeremie Frimpong is hyping up Granit Xhaka on his IG live 🤣🔥 pic.twitter.com/fDnpoO4hlh
— Monti✌🏽 (@monti5ivestar) April 14, 2024