Фудбал

ГО ИСПРАТИВМЕ ЦЕПЕТО ЗА АМСТЕРДАМ СО ДРЕС ОД МАКЕДОНИЈА

„Каде игра Македонија, таму сум и јас“, ни рече Тоше Цебов прв пат кога го контактиравме на телефон откако добивме преку стотици пораки по објавата на социјалните медиуми да го „најдеме“ човекот кој и со дупнат тапан не престана да ја бодри Македонија.

Неговото друштво не претркна, обезбедувајќи му нов кожен тапан веднаш штом се врати во неговиот Штип од Букурешт, а како што ни кажа и самиот, залепен е и стариот тапан кој четврти пат му се дупнал. Неговата пасија кон Македонија и љубовта кон секој македонски тим ја наградивме со дрес од фудбалската репрезентација.

Со „Цепето“ како што го викаат неговите пријатели нагалено, разговаравме утрово на скопскиот аеродром, откако заедно со неговото друштво се упатија кон Ајндховен, а од таму за Амстердам да ја бодрат Македонија попладнево против Холандија.

Ти благодариме Тоше што уште еднаш ни ја стопли душата и продолжи да ја бодриш Македонија и македонските тимови насекаде низ светот.