НАЈДОБРИОТ СТРЕЛЕЦ НА КУПОТ ЗА АФРИКАНСКИ НАЦИИ НЕ Е НАПАЃАЧ
Објавено на: 23.01.2024
Емилио Нсуе ги користи настапите на Купот за Африкански нации да се прослави на 34-годишна возраст. Капитенот на Екваторска Гвинеја моментално е најдобар стрелец на континенталниот шампионат со 5 погодоци на 3 меча, но интересно е што тој не е ниту напаѓач.
Нсуе по природа е десен бек, но по потреба игра и како десно крило за шпанскиот третолигаш Интерсити. Сепак, тоа не го спречи да запише хет-трик против Гвинеја Бисао, како и два гола против Брегот на Слоновата Коска во победата од 4-0.
Формата не му е случајна. Нсуе во третата лига на Шпанија сезонава бележи 7 гола во 15 настапи, па затоа и не е некое изненадување што е на врвот на листата стрелци, иако на африканскиот Куп настапуваат далеку попознати ѕвезди како Салах, Мане, Ен-Несири и многу други.