ПОБЕДА ПРОТИВ УКРАИНА – НЕ Е НЕПОЗНАТА!
Објавено на: 17.06.2021
Македонската фудбалска репрезентација, од 15:00 часот во Букурешт го игра вториот меч на европското првенство, против Украина. Во првата рунда, двете селекции забележаа порази – ние од Австрија со 3:1, а Украинците од Холандија со 3:2.
Во досегашната историја, со оваа ререзентација сме се сретнале 4 пати. На двете пријателски средби имаме една победа и едно реми (0:0 и 1:0), а на двата компетитивни меча забележавме два пораза (2014 – 1:0, 2015 – 0:2).
Ова се моментите од дуелот одигран на Градскиот стадион во Скопје, сегашната Арена Тодор Проески, натпревар на кој тогашниот ас на украинската репрезентација и играч на Милан, а сега селектор, Андриј Шевченко своеволно го напушти теренот и не го доигра мечот, жалејќи се дека изел многу ќотек.
Ова беше и последниот натпревар на нашата жива легенда во спортското новинарство, Зоран Миахјлов кој за последен пат во неговата кариера во Македонската Телевизија беше на коментаторската позиција.
Ексклузивно за Златна копачка, Зоки се сеќава на тој ден:
Тоа беше мојот последен натпревар како коментатор и новинар во МТВ, каде ги поминав најубавите години од мојата кариера. Потоа продолжив да работам во други медиуми, каде исто така имав убави и пријатни моменти за паметење.
Мечот се играше во март 2004-та, а Шевченко беше најголемата ѕвезда на европскиот фудбал и допатува со приватен авион обезбеден од Силвио Берлускони, тогашниот сопственик на Милан. На полувремето едноставно рече дека нема да го продолжи натпреварот и веќе не влезе во игра, затоа што нашите играчи биле прегруби кон него.
Оваа селекција на Украина, за нас е понепозната и понепријатна селекција од Австрија и од Холандија. Има големо име на кормилото, еден од најдобрите напаѓачи во современата фудбалска ера. Тој само ќе го погледне судијата, а овој уште во ходникот ќе се стресе. Тука е една од предностите на Украинците.
Репрезентацијата на Украина има одлична игра со многу комбинаторики во нападот, играат и со кратки додавања. Видовме за колку кратко време, постигнаа два гола со Холандија. Двете селекции влегуваат поразени и триумф ќе значи огромен чекор кон пласманот во втората фаза.
Тоа ќе биде тежок натпревар, но нема да биде изненадување ако победиме. Јас типувам навивачки, 60:40 за Македонија, па нека заврши и реми, ќе бидам задоволен.

