ЊУКАСЛ САКА ДА ГО ТУЖИ МИЛАН ЗА ТРАНСФЕРОТ НА ТОНАЛИ
Објавено на: 25.10.2023
Според реномираниот Кориере дело спорт, до Милан пристигнала закана од англискиот премиерлигаш за можна судска разврска на случајот „Тонали“.
23 годишниот играч од средниот ред на Милан од претходната сезона, летово за рекордни 70 милиони евра се пресели на северот од Англија. Иако за многу фанови на росонерите беше нејасно зошто клубот го продава играчот за кој се очекуваше дека ќе биде икона на Сан Сиро, сепак трансферот се реализираше, а миланезите инкасираа големо богатство со кое го „реновираа“ тимот.
Но пред 2 недели, италијански медиум го откри скандалот за обложување на голем број на играчи во Италија, од кои најистакнати беа Фаџоли (Јувентус), Тонали (Њукасл, екс Милан) и Заниоло (Астон Вила, екс Галатасарај и Рома). На фудбалерите и фудбалските работиници им е забрането да се обложуваат, а Фаџоли и Тонали беа изведени пред обвинителството каде што ја признаа вината.
Се очекува Фаџоли и Тонали да добијат минимум 10 месечна казна со неигррање поради таквиот епилог, а посебно засегнати се Њукасл, кои искешираа многу за ѕвездата на Милан, а може да се рече дека сезоната за него ќе биде речиси завршена. Англискиот гигант, вчера доставил протестно писмо до Милан, во кое се заканува дека ќе покрене судски процес во кој ќе бара оштета, тврдејќи дека тимот од Сан Сиро знаел за ситуацијата со Тонали, но тоа никаде не го напоменал.
За потсетување, Тонали дополнително заработува нето плата од 8 милиони фунти, која се очекува дека Њукасл ќе мора да ја исплаќа, а истата ќе биде пренасочена во казната која Италијанецот ќе ја добие.