Останато

ЕКСКЛУЗИВНО: За Македонија? Ќе играм додека дишам! А, некогаш и јас ја тркалав бубамарата…

Во интервјуто за Златна копачка, капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, струмичанецот Никола Ѓорѓиев (32) ни открива детали од успесите на одбојкарите, зборувавме за условите во македонската одбојка, за неговата и за генерациите што следат, но не ги заобиколивме и фудбалерите.

Уживајте во следните редови…

  • Како го доживеавте пласманот на ЕП, веќе вторпат сте на континенталните собири и веќе ви станува навика?

Пласманот на ЕП го прифатив емотивно, имавме голема желба и пред се огромна мотивација да покажеме дека на Македонија местото и е со најдобрите. Сакавме да покажеме дека тоа што се случи во Словенија претходниот пат, пласманот на претходното ЕП, не беше воопшто случајно. Затоа бевме премногу мотивирани и повеќе од максимално се внесовме во подготовките, а потоа и во квалификациите. Завршивме второпласирани, но како најдобра второпласирана селекција од сите групи. На првото ЕП чекавме да падне и последната топка, тогаш Господ сакаше да ни се совпаднат три други резултати, но сега сами си ја креиравме судбината и заслужено сме на ЕП.

  • Какви ни се шансите на ЕП? Претходниот пат ја остваривме првата победа, а сега?

На претходното ЕП, имавме две победи, над домаќинот Словенија и против Белорусија. На овој шампионат, за сите сме аутсајдери и ако ги прашате другите, сигурно ќе речат дека сигурно не победуваат. Прво да ги завршиме настапите во Европската лига, па потоа ќе се подготвуваме за ЕП. Сакаме да испишеме нова историја, а тоа е пласман во елиминациите на континенталниот собир. Не се предаваме, ќе играме до крај против сите, освен можеби против Русите кои се огромни фаворити, но на никој друг не му се плашиме и ќе играме на победа.

  • Кој е нашиот најголем адут во играта, на што се темели успехот?

Нашиот супех се темели на годините поминати заедно. Се работи за хомогена екипа составена од прекрасни луѓе, а потоа и прекрасни играчи. Ние немаме физичка сила, но тој недостаток го надополнуваме со мотивација, со желба и со борба. Огромна чест ни е да играме за националната селекција на која и даваме 10 пати повеќе од енергијата што ја даваме за клубовите, тоа не дека така се планира, туку така доаѓа одвнатре, од душата. Едвај чекаме да излеземе на терен, да покажеме што знаеме и да ја израдуваме нацијата.

  • Натпреварите во Европската лига се можност да се одржи кондицијата, задоволни ли сте од одиграното?

Натпреварите во Европската лига ќе ни помогнат да се уиграме. Но, ние никаде не сме туристи, туку секаде се надигруваме. Најдоброто и најважното, допрва следува. Играме фајнал-фор во Струмица, со Хрватска сме насочени на победа. Цел ни е златниот медал и ќе се бориме да го освоиме, за нов историски успех на македонската одбојка.

  • Одбојката кај нас полека им се приближува на ракометот и кошарката, па и на фудбалот, се враќа на местото на кое заслужува да биде. Колку тоа се должи на успесите на оваа генерација?

Според мое мислење, многу и се должи на оваа генерација. Успеавме од 5 европски лиги да играме 5 завршници и да загубиме 3 финалиња, од подобри репрезентации од нас. Првпат се пласиравме на континентален собир и остваривме две победи, бевме блиску до втората фаза, но за жал не успеавме. Оваа генерација ја крена нашата одбојка на повисоко ниво, но најдоброто допрва доаѓа, не сме го кажале последниот збор.

  • Во спортот е неблагодарно да се прогнозира, но ако се биде како што треба, уште колку ќе бидете заедно, како генерација?

Би сакал да играме уште долго заедно, но тоа едноставно е невозможно. Костурот на оваа селекција во просек надминува 30 години. Сепак, дел од останатите репрезентативци имаат уште една цела деценија да играат заедно. Јас лично се надевам дека со моите врсници ќе може да одиграме и на ЕП 2023, тука кај нас, како круна на оваа генерација, а потоа секој според плановите. Јас личо ќе играм се додека здравјето ме служи и се додека тлее оганот во мене да играм за Македонија, а тој оган нема никогаш да стивне, додека сум активен играч.

  • Имаме ли иднина, има ли млади сили кои ќе ве наследат?

Играм во странство долги години, оваа сезона повикавме 20 одбојкари и бев изненаден од квалитетот на помладите и од нивната подготвеност да се соочат со поголеми предизвици. Пред се од желбата за работа. Имаме и создаваме генерација која ќе не наследи нас повозрасните, ни недостасува еден добар коректор кој се ободуваме да го направиме, а на другите позиции имаме доволно потенцијал.

  • Се подобруваат ли условите за развој на одбојката во Македонија со секој нов успех на репрезентацијата, има ли фид-бек од јавноста и од задолжените за прогрес во овој спорт?

Условите се подобруваат, играта се подобрува, имаме два стабилни клуба, наши играчи се вратија од странство, сето ова придонесува за зголемување на квалитетот. Јавноста не препознава, се радува на нашите успеси, се најавува формирање на уште два клуба. Нам репрезентативците ни е многу важно да се вреднува одбојката и да се создаваат услови за помладите, очекувам уште поголема експанзија на овој спорт кај нас.

  • Како вие одбојкарите го доживеавте пласманот на Македонија на фудбалското ЕП, најголемиот успех во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал?

Бев пресреќен кога фудбалерите се пласираа на ЕП, тоа ни беше сон на сите. Фудбалот ни е прва љубов на сите нас, Македонците, сите ние прво сме играле фудбал, па потоа се друго. Своевремено, како шестоодделенец тренирав и фудбал и одбојка, во Беласица ја тркалав бубамарата со нозете. Би им го честитал овој успех на фудбалерите и сакам да им порачам дека сите сме со нив. Го остварија сонот на нацијата, им посакувам многу среќа, верувам во нив и мислам дека можат да се пласираат и во втората фаза, но најважно е да уживаат во играта, а ние да ги бодриме и да бидеме со нив!

Фотографии: CEV – Confédération Européenne de Volleyball