МАСКИРАНИОТ ИКС-ФАКТОР НА ЗЛАТКО ДАЛИЌ?
Објавено на: 27.11.2022
Хрватите го играат мечот да се биде или не, на 22-то светско првенство. На коцкастите им е потребна победа да останат во игра за пласман во втората рунда, односно елиминациите на мундијалот. Во првото коло, Хрватска одигра само 0:0 против Мароко. Следната пречка се Канаѓаните, чиј селектор во еуфорија по поразот од Белгија со 1:0, изјави дека „сега треба да се е*ат Хрватите“.
Ако Златко Далиќ има проблеми и дилеми на позициите во средниот ред и во нападот, еден момент му дава за право да се надева на добри резултати во понатамошниот тек на СП – одбраната му функционира скоро беспрекорно и дава нови потенцијали кои се иднината на хрватскиот фудбал.

Јошко Гвардиол (20 години 304 дена) е најмладиот играч на СП од почетокот на оваа статистика во 1966 година, кој комплетирал најмалку 100 прецизни додавања на еден меч на мундијалите – имаше 103 против Мароко. Хрватска не прими гол, дефанзивата изгледаше стабилно.

Хрватскиот дефанзивец кој игра за Лајпциг вреди 60 милиони евра, според последните анализи на медиумите кои се занимаваат со ова, но според најавите по мечот со Мароко и воопшто периодот пред овој мундијал, неговата вредност може вртоглаво да скокне и тој да стане најскапиот дефанзивец на светот.