Фудбал

АМОРИМ ЛИКУВА ПО ДЕРБИТО, КИВУ ОТКРИ КАДЕ БИЛА ГРЕШКАТА НА ИНТЕР

Милан ја продолжи доминацијата во дуелите со градскиот ривал Интер победувајќи го со 3:1. Веќе осум меча во дерби пресметките Росонерите не знае за пораз од Интер, а синоќа, актуелниот првак доби вистинска фудбалска лекција од Милан. Тоа беше шеста победа, а тука се додаваат и двете реми, што значи дека Интер две и пол години не знае за победа против градскиот ривал.

Тренерот на Милан, Рубен Аморим не го криеше задоволството од победата и фактот дека неговиот тим покажа дека има шампионски амбиции.

„Задоволен сум од многу работи. Започнавме многу силно. Знаевме дека противникот е опасен во воздушни дуели и го променивме пристапот. Во второто полувреме ја задржавме контролата над топката и одлично се справивме. Лука Модриќ допринесе значајна улога во таа фаза. Не беше совршен меч, но беше неверојатна вечер за нашите навивачи. За нас беше исклучително важно да победиме, посебно по разочарувањето кое го имавме против Болоња. Мора да се фокусираме и да гледаме напред“, задоволно коментираше Аморим по победата во градското дерби.

За Разлика од Аморим, стратегот на Интер, Кристијан Киву нормално беше разочаран по првиот пораз на неговиот тим сезонава. Киву откри дека пристапот на неговите фудбалери бил погрешен и според стратегот на Нераѕурите, тоа е главната причина за поразот.

„Боли кога ќе се изгуби дерби во кое очекувањата, како нашите, така и на сите други беа сосема поинакви. Знаеме што значи овој натпревар и што треба да браниме. Моравме да импровизираме поради проблемите што се појавија во текот на изминатите два дена. Се обидовме да се потпреме на играчи кои беа подготвени да стиснат заби, но беше тешко. Пристапот ни беше погрешен. Сепак, не беше сè целосен неуспех, го намаливме заостанувањето на 1:2 и имавме чиста шанса да израмниме на 2:2, но Мањан одбрани. Потоа, практично им подаривме трет гол пред крајот на првото полувреме. Разочарани сме бидејќи требаше да покажеме повеќе. Ни недостасуваше доволно одлучнос“, беше коментарот на Киву по поразот од Милан.