Фудбал

ИГРАЧ НА АРСЕНАЛ ОДБИ ДА ИГРА ЗА АНГЛИЈА

Селекторот на Англија Герет Саутгејт, денес го објави списокот за подготвителните натпревари против Бразил и Белгија кон крајот на овој месец. На списокот има само еден десен бек, тоа е Кајл Вокер, додека останатите три опции Киран Трипие, Трент Александер-Арнолд и Рис Џејмс се повредени, по што јавноста на Островот се прашуваат зошто е тоа така.

На местото на повредените играчи требаше да дојде Бен Вајт, бекот на Арсенал, но според Саутгејт, тој одбил да го задолжи националниот дрес за овој циклус, наводно бидејќи не верува дека ќе се најде на финалниот список за ЕУРО 2024.

„Добивме повик од таборот на Арсенал минатата недела за да нè известат дека Бен не сака да одговори на репрезентативниот повик. Навистина ми е жал, бидејќи Вајт како играч отсекогаш ми се допаѓал. Беше дел од нашиот национален тим на претходното Европско првенство и на последното Светско првенство. Очигледно, овојпат има отпор од негова страна да ја застапува Англија“, изјави Саутгејт.

Овој случај е голема реткост кога се работи за фудбалот во Англија, односно за англиската репрезентација. Сон и цел на секој фудбалер од Островот да ја застапува својата земја, но не и Бен Вајт.