ДУГАРИ УДРИ ПО МБАПЕ: „ДЕТИНЕСТО И БЕДНО!“
Објавено на: 08.09.2026
Поранешниот француски репрезентативец Кристоф Дугари остро го критикуваше Килијан Мбапе поради неговите изјави за Златната топка.
Откако напаѓачот на Реал Мадрид порача дека верува оти може да ја освои престижната индивидуална награда, Дугари го обвини за недостиг на скромност и преголем фокус на личните достигнувања наместо на успехот на тимот.
„Јавно да бараш индивидуална награда на таков начин е детинесто и бедно. Нема ништо големо во тоа да ја бараш, особено ако си капитен на репрезентацијата“, изјави Дугари.
Мбапе неодамна посочи дека настапите за Реал Мадрид автоматски го ставаат во кругот на кандидатите за Златната топка.
„Кога играте за Реал Мадрид, најдобриот клуб во светот, луѓето автоматски ве поврзуваат со оваа награда. Можеби ова е добра година за тоа“, изјави Французинот.
Иако минатата сезона постигна 42 гола на 44 натпревари за Реал Мадрид, Мбапе не успеа да ја освои Лигата на шампионите.
Токму тоа е аргументот на Дугари, кој смета дека францускиот капитен треба повеќе да зборува за колективниот успех.
„Фудбалот станува сè поиндивидуалистички и тоа често ми создава непријатно чувство. Наместо да зборуваш за себе и за индивидуалните награди, треба да зборуваш за тимот, за заедничкиот успех и за трофеите што не сте ги освоиле, а сте сакале да ги освоите заедно“, порача Дугари.