ТРЕНЕРОТ НА ДЕНЕШНИОТ ПРОТИВНИК НА ДОРТМУНД УЖИВА ВО ФУДБАЛСКАТА БАЈКА
Објавено на: 13.09.2024
Франк Шмит, тренерот на бундеслигашот Хајденхајм, живее вистинска фудбалска бајка која трае 17 години.
Предводникот на Хајденхајм е клупска легенда каква што ретко се гледа, а неговиот тренерски подвиг почна набрзо по неговото пензионирање од професионален фудбал во летото 2007 година. Токму во Хајденхајм ја заврши кариерата, каде набрзо ја презеде клупата од Дитер Меркле, и тогаш почна магичното патување до фудбалскиот крем во Германија.
Уште во првата сезона Шмит го одведе тимот до промоција во четвртиор лигашки ранг, а веќе во 2009 година Хајденхајм стигна и до третата германска лига како освојувач на четвртолигашката титула. По пет години во третата лига, Хајденхајм се избори за влез во Цвајта.
Потребни беа девет години за хајденхајм со Шмит на кормилото да стигне до елитата, а во меѓувреме во 2021 година германскиот стратег беше прогласен за тренер со најдолг стаж во еден клуб во германскиот фудбал.
Во дебитантската сезона во Бундеслига, Хајденхајм заврши високо на осмото место на табелата со што тимот на Шмит обезбеди пласман во квалификациите за Конференциската лига. На 17 септември 2023 година, Шмит го урна рекордот за тренер со најдолг стаж во еден клуб, надминувајќи ги 16-те години раководење на Фолкер Финке во Фрајбург.
Хајденхајм на почетокот од оваа сезона, за првпат во својата историја се избори за пласман во лигашкиот дел на едно европско натпреварување, додека во Бундеслигата имаат максимални две победи по две кола со 6-0 гол-разлика.
Ова лето Шмит остана без своите најдобри поединци, а потроши само околу 5 милиони евра за засилувања, додека неговата екипа во главно е составена од играчи кои претходно не настапувале во најквалитетното германско првенство.
Вечерва Хајденхајм гостува на „Сигнал Идуна Парк“ во Дортмунд, каде избраниците на Шмит ќе се обидат да го изненадат актуелниот европски вицешампион.
Вистинска фудбалска бајка живеат Шмит и Хајденхајм, која навиваме уште долго да трае.