ЕТО ЈА КРИТИКУВА УЕФА ДЕКА НЕ ГИ РАЗБИРА АФРИКАНЦИТЕ И ГО ПОДДРЖА ИНФАНТИНО
Објавено на: 04.09.2026
Претседателот на Камерунската фудбалска федерација, Самуел Ето, верува дека фудбалот е веќе продаден и дека приватизацијата на Светското првенство би значела напредок на африканскиот фудбал. Тој нагласи дека УЕФА не ги разбира проблемите на африканскиот фудбал.
Поранешниот славен напаѓач се осврна на случувањата во светскиот фудбал во интервју за францускиот весник „Л’Екип“.
Кон крајот на јули, ФИФА објави планови за создавање на нова комерцијална структура за продажба на правата за Светското првенство. Со приватизацијата на Светското првенство, претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, имаше план да им обезбеди на фудбалските асоцијации ширум светот значителни суми пари.
Тој план не траеше ниту еден месец, сите 55 фудбалски асоцијации под покровителство на УЕФА гласаа против него. Европските федерации ја повлекоа својата поддршка за кандидатурата на Инфантино за нов мандат во март 2027 година, но откако се откажа од приватизацијата, УЕФА објави дека нема да го бојкотира Светското првенство и другите натпреварувања под покровителство на ФИФА.
„Ние и Европејците никогаш нема да ги гледаме работите на ист начин. Ако ги погледнете некои федерации со буџет од 150.000 евра, како можат да се натпреваруваат со големите сили“, се прашуваше Ето, додавајќи:
„Луѓето не ги разбираат тешкотиите со кои се соочуваат лидерите на африканските асоцијации. Никој не прашува како некои лидери на африканските федерации го управуваат фудбалот во своите земји. И ако има одлив на таленти, вината е наша. Но, ако Камерун можеше да смета на буџет од 20 или 40 милиони долари годишно, тогаш, секако, ќе ги имавме нашите Мбапе или Чуамени (двајцата играчи имаат камерунски корени)“, рече Ето.
Тој го поддржуваше Инфантино.
„УЕФА не треба да се смета за главна конфедерација на ФИФА! Ние веќе продаваме фудбал. Кој го финансира? Компаниите што купуваат реклами. Кој ги поседува овие компании? Европа, исто така, се грижи за своите интереси, и покрај притисокот од клубовите. Зошто треба да бидеме судени ако се грижиме за своите интереси? А денес, претседателот Инфантино им дава можност на Африканците да сонуваат за развој на фудбалот. Тој придонесе за развојот на африканскиот фудбал“, смета Ето.