Фудбал

ЕДИНСТВЕНИОТ КАЗНЕТ Е НАПАДНАТИОТ – ВЕРБАЛНО И ФИЗИЧКИ?

До каде ќе оди толеранцијата за насилниците во ова модерно време кога сите средства за спречување, заштита и искоренување на ваквите појави, ни се достапни и на дланка, па само треба да се употребат? Ова важи за сите сегменти од животот и за насекаде низ светот.

Една од најразвиените земји се соочува со мрачни сценарија, кои се закануваат да ескалираат во поголеми размери – навивачите ширум Шпанија расистички ги малтретираат играчите со црна боја на кожата. Да, таа Шпанија, која некогаш важела за колонизаторска земја и која сигурно и ден денешен ги црпи благодетите од тоа време кога поробувала каде ќе стигне и кого ќе стигне.

Кралскиот клуб се огласи со соопштение:

Реал Мадрид најостро ги осудува настаните што се случија вчера врз нашиот играч Винисиус Јуниор. Овие настани претставуваат директен напад врз социјалниот и демократскиот модел на соживот на нашата држава заснован на владеење на правото.

Реал Мадрид смета дека ваквите напади исто така претставуваат злосторство од омраза и затоа поднесе соодветен извештај до Канцеларијата на јавниот обвинител, поточно до Обвинителството против злосторствата од омраза и дискриминација, со цел да се истражат фактите и одговорните да одговараат.

Членот 124 од шпанскиот Устав пропишува дека улогата на Јавното обвинителство е да го промовира спроведувањето на правдата во одбрана на законитоста и правата на граѓаните и јавниот интерес.

Реал Мадрид му вети на Винициус дека случајот ќе оди до највисоките судски инстанци, Хавиер Тебас не му се извини на играчот на Реал туку порача дека тој не се појавил на планираните разговори во фудбалската федерација во претходните случаи (вкупно со овој се 11) кога бил навредуван расистички, а играчот не може да се помири со тоа и фрла со дрва и камења по сите што мисли дека се одговорни.

Како ќе заврши сагата? Едно е јасно, Винициус ја има поддршката на колегите. Секоја чест! Дури, дел од поранешните фудбалери велат дека со ваквите сцени, само се долева масло во оганот кој гори кај напаѓачот, тој да замине од Шпанија и од Ла Лига да се пресели во Премиерлигата каде ваквите случаи се казнуваат остро и промптно.