Фудбал

МОЖЕ ЛИ МАКЕДОНИЈА ДА ОСТАНЕ ВО Б СЕГМЕНТОТ ОД ЛИГА НА НАЦИИ!?

Македонската фудбалска репрезентација треба да го одигра последниот меч од Лига на нации, а ривал е Словенија. Без разлика на резултатот, јасно е дека Македонија ќе биде на последното место во групата, па нашата селекција ќе мора преку бараж да се бори за опстанок во Б сегментот од ова натпреварување.

Противник на Македонија во баражот ќе биде една од селекциите кои ќе завршат на второто место во четирите групи од Ц сегментот. Денеска беа комплетирани две групи од овој сегмент, а второто место го обезбедија Белорусија и Кипар. Тоа значи дека тие се потенцијални ривали на Македонија за баражот за место во Б сегментот, кој ќе биде во март следната година.

Преостанатите два ривали ќе бидат познати утревечер кога ќе се комплетираат последните две групи од Ц сегментот. Молдавија моментално е втора во групата во која Фарски острови од третото место има свои шанси. Токму Фарски острови на свој терен игра против Молдавија и доколку победи, тие ќе бидат во баражот.

Речиси сигурен учесник во баражот ќе биде и Естонија која е втора во групата во која може да биде и првопласирана, но тоа е малку веројатно. Исланд со 11 бодови е лидер и во последното коло дома игра против последнопласираниот Луксембург, а доволно е да освои бод за да остане лидер. Естонија која има девет бодови ја пречекува Бугарија, но дури и со победа, малку е веројатно да дојде до првото место во групата.