АРИЈАН АДЕМИ СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА!
Објавено на: 08.03.2024
Аријан Адеми донесе одлука да стави крај на репрезентативната кариера поради приватни причини, потврди селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски.
Искусниот 32-годишен играч за врска по 33 натпревари во дресот на Македонија одлучи да се повлече, неговото отсуство ќе биде огромен хендикеп за нашиот национален состав, а како што откри Милевски, ќе биде организиран проштален натпревар во нгова чест.
„За контролните натпревари против Молдавија и Црна Гора ќе одиме со поширок список од 27 или 28 фудбалери, но меѓу нив нема да биде Аријан Адеми. Тој одлучи да се повлече од репрезентацијата поради приватни причини. Посебно жалам за отсуството на Аријан, но тој е категоричен во одлуката. Ќе ни недостасува на теренот, но и како личност. Во разговорот со него ми откри дека чувствува дека ова е вистински момент да се повлече, а ние може да му заблагодариме за неговиот придонес за репрезентацијата и мак-фудбалот воопшто. Предложивме да организираме проштален натпревар, со негова одлука ќе потврдиме дали ќе одиграме пријателски натпревар против Хрватска кој би бил планиран за 3 јуни“, изјави Милевски.

Адеми беше еден од предводниците на Македонија до историскиот пласман на Европското првенство кое се одигра пред три години. За нашата селекција постигна четири гола и една асистенција, а дебитираше во октомври 2014 година против Луксембург.